Косовската претседателка Вјоса Османи порача дека Косово стои со Украина и со нејзините граѓани по руската агресија врз таа држава.
Османи преку својата официјална страница на Твитер порача дека Косово ќе соработува со своите сојузници за да ја спречи дестабилизацијата на регионот.
„Косово стои со Украина и нејзините граѓани, кои се соочуваат со последиците на една неиспровоцирана војна како резултат на дејствијата на агресија од страна на Русија. Ние ќе соработуваме со нашите сојузници за да ја спречиме дестабилизацијата на нашиот регион. Руската хегемонија нема да успее. Слободата и демократијата ќе победат“, напиша Османи.
И Албанија го осуди нападот на Русија врз Украина.
Премиерот Еди Рама преку објава на Твитер напиша дека Албанија се придружува на сојузниците на НАТО и на Европската унија и оти мислите и молитвите се со украинскиот народ.
„Им се придружуваме на сојузниците на НАТО и ЕУ во острата осуда на руската агресија. Нашите мисли и молитви се со украинскиот народ“, напиша Рама на Твитер.
Ова е прва реакција од албански функционер по нападите, откако претходно целиот државен врв искажа подршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
