Косово прославува 14 години независност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со кревање на знамето на јарболот пред зградата на Владата во Приштина, денеска на Косово започна 14-годишнината од прогласувањето на независноста.

Највисоките функционери на Косово, претседателката Вјоса Османи, претседателот на Собранието Глаук Коњуфца и премиерот Албин Курти утрово положија цвеќе во Меморијалниот центар на основачот на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Адем Јашари и кај гробовите на првиот претседател на независно Косово, Ибрахим Ругова и на истакнатиот борец за независно Косово, Адем Демачи.

Предвидени се чествувања и кај спомениците на други водачи и борци на ОВК и разни други свечености во речиси сите градови во државата.

По седницата на Косово, која треба да започне во секој момент, ќе се одржи парада на припадниците на Косовските безбедносни сили.

Одбележувањето на годишнината од прогласувањето на независноста ќе продолжи со прием организиран од претседателот и премиерот на Косово, како и со концерти на Косовската филхармонија и ансамблот.

На 17 февруари 2008 година косовското Собрание ја прогласи независноста на Република Косово, која оттогаш е признаена од над сто држави во светот.

Тогашната македонска Влада ја призна независноста на Косово во октомври истата година.