Косовската царина соопшти дека во текот на минатата ноќ спречила два одделни случаи на шверц на стока од Северна Македонија, во вредност од над 19.000 евра.
Првиот инцидент се случил околу 20:50 часот, кога царинските службеници запреле патничко возило со косовски таблички. При проверка, во багажот и просторот за резервна гума биле пронајдени 226 пакувања парфеми од позната марка, во вредност од 13.700 евра. Стоката била одземена и подложена на проверка за автентичност.
Во вториот случај, околу 22:45 часот, било запрено возило со таблички на Република Северна Македонија. Возачот изјавил дека нема ништо за пријавување, но при дополнителна контрола биле откриени 40.000 електронски цигари (200 штеки), скриени на различни места во возилото, со вкупна вредност од 4.340 евра.
Во двата случаи, сторителите го прекршиле царинскиот и акцизниот законик на Косово. Секој случај е упатен на понатамошна правна постапка во надлежните институции.
