Костадиновски: Уставната жалба е заедничка точка на институционален дијалог

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски денеска присуствуваше на тркалезна маса на тема: Воведување на уставна жалба? На неа присуствуваа и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, како и амбасадорите на ЕУ и на ОБСЕ, Михалис Рокас и Кристијан Вал.

„Дозволете ми да ја изразам мојата искрена благодарност до Делегацијата на Европската Унија за реализацијата на проектот „Зајакнати капацитети на Уставниот суд“, како и за континуираната поддршка што ја даваат на Уставниот суд. Ваквите настани се неопходни и важни, од нив ја  испраќаме пораката дека процесот на унапредување на владеењето на правото и заштитата на човековите слободи и права е постојана обврска на секоја демократска држава и на сите институции кои го носат тој товар.,

Воведувањето на уставна жалба како инструмент за директна заштита на уставно загарантираните слободи и права, е тема која континуирано и сѐ почесто се наметнува како предмет на стручна, политичка, јавна расправа. 

Нема да трошам зборови за нејзината важност и суштина која е едноставна: да му овозможи на граѓанинот, кога сите други правни средства се исцрпени, директно да се обрати до Уставниот суд и да побара заштита на своите уставно гарантирани слободи и права. 

Во овој контекст, за мене никогаш не постоела дилемата за потребата за нејзино воведување, туку природно се поставувало прашањето кои слободи и права загарантирани со Уставот треба да добијат директна непосредна уставно-судска заштита. Кога на оваа маса се присутни моите колеги, Претседателот на Владата, струката, науката, нашите меѓународни партнери, јас тука ќе запрам, за мене е побитно да го слушнам нивниот став!

Јавноста, колегите, сите што ме познаваат, знаат дека сум брутален реалист, па ќе си дозволам да изнесам една искрена констатација. Во одредени периоди во минатото, Уставниот суд не секогаш ја остваруваше својата уставна улога, онака како што уставотворците го поставиле“, рече Костадиновски.