Многу брзо е можна јавнообвинителска одлука за случајот со Бехтел и Енка, најави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори предмет за изборот на фирмите кои треба да вршат надзор на градбите на коридорите 8 и 10Д. Обвинителството го испитува и првиот склучен договор кој потоа беше поништен, но и вториот кој потоа беше распишан. Коцевски во емисијата 360 степени вели дека во договорот има многу нелогичности, а еден од елементите во постапката е тоа што фирмата Електросолушн која беше избрана да врши надзор ја добила лиценцата за работа за само неколку дена за време на тендерот и покрај тоа што таа фирма претходно се занимавала со проиводство на долна облека.
„Се работи таму за конзорциум од три фирми кои што се испитуваат а досега има некои нелогичности во договорот, се преземаат дејствија и јас сметам дека можеби набрзо Јавното обвинителство се излезе со јавнообвинителска одлука. Има нелогичности во однос на договорот, има таму една фирма што не била како фирма….не работела тоа“, вели Љупчо Коцевски.
За сето време и додека траеја склучувањата на договорите за изградбата на коридорите од страна на Бехтел и Енка, но и сега, од ВМРО-ДПМНЕ укажуваа на сериозни пропусти и недоследности во целиот проект. Претседателот на партијата и иден мандатар Христијан Мицкоски пред две недели најави дека има две опции за договорот, да го раскине или да се репреговара, што според него втората е поприфатлива.
Неофицијално дознаваме дека идната Влада ќе бара продолжување на договорот од сегашните 5 на 10 години за да се растерети товарот на буџетот и дополнително скратување на проектот, односно една делница воопшто да не се гради. За ова во денешното издание на Дејли клик на ТВ21 говореше и Антонио Милошоски кој оцени дека идната власт ќе има тешка задача околу договор, но најави и одговорност за претходните функционери.
„Владата ќе има една тешка задача, но сигурен сум дека ќе се обиде да ја исполни, а тоа е да се поканат високи претставници на оваа компанија Бехтел и Енка која што е мултинационална корпорација, но во секој случај како држава сигурно ќе не испочитуваат да отвориме еден разговор за можно дополнување или преразгледување на овој договор со Бехтел и Енка. Ваквото можно репрограмирање или дополнително преговарање на овој договор не ја исклучува одговорноста на одредени претходни функционери“, вели Антонио Милошоски.
Договорот со изградбата на коридорите 8 и 10Д беше потпишан на 8 март минатата година кој опфати изградба на четири автопатски делници во должина од 110 километри и која треба да чини 1,3 милијарди евра.