Коцевски поднесе оставка: „Денеска ќе си одам порано дома“ – Кој ќе одговара за нарушениот интегритет на институцијата?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Денеска ќе одам малку порано дома затоа што секогаш одам во 9 – 10 часот навечер .. што да ви кажам друго, приватно, вечер сум на опера“

Со ова државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски го заврши својот мандат откако поднесе неотповиклива оставка. Коцевски ова го направи пред да почне расправата во Собранието за предлогот на Владата за негово разрешување. Рече дека ваквата постапка е политичка одлука.

-Од почетокот тврдев дека евентуалната постапка за мое разрешување е политичка одлука. Затоа денеска поднесов неотповиклива оставка. Функцијата што во изминатите нешто помалку од две години ја вршев чесно, достоинствено и од која заминувам со гордо крената глава но и со разочараност поради очигледното непочитување на принципите врз кои почива правната држава, изјави Љупчо Коцевски, поранешен државен Јавен обвинител.

Истакна дека предлогот за разрешување воопшто не го добил, а известувањето за седницата го добил само еден час пред да започне расправата за оваа точка.

Станува збор за предлог кој не е заснован ниту на закон, ниту на факти туку претставува опасен преседан со далекусежни последици по независноста на Јавното обвинителство. Овој предлог како основи за разрешување , од она што го имам како сознание содржи само три реда а ниту еден од нив нема образложение ниту аргументирана поткрепа, изјави Љупчо Коцевски, поранешен државен Јавен обвинител.

Собраниската седница пак која започна половина час подоцна, колку што траеше и обраќањето на Коцевски, само ја констатираше неговата оставка.

Ве известувам дека господинот Љупчо Коцевски на 16.12.2025 година поднесе барање за престанок на функцијата јавен обвинител на Република Северна Македонија. Констатирам дека Собранието на Република Северна Македонија согласно член 86 став 2 од Законот за јавното обвинителство на господинот Љупчо Коцевски му го утврди престанокот на функцијата јавен обвинител на Република Северна Македонија, рече претседателот на Собрание, Африм Гаши.

Со констатирањето на оставката е прекинат мандатот на Коцевски како државен јавен обвинител, а во наредниот период се очекува да започне постапка за избор на негов наследник.

Неговата оставка доаѓа по предлогот на Владата за негово разрешување, во кој беа наведени следните причини:

Поради направени крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство што доведува до нарушување на ефикасноста и функционалноста на Јавното обвинителство. Неовластено изнесување на информации, податоци за судски предмети со што ја повредил обврската за заштита на тајноста на постапката согласно закон. Нарушување на угледот на Јавното обвинителство и неговиот личен углед, изјави Марија Митева, портпаролка на Влада.

За Коцевски кон крајот на јули годинава беше изгласана интерпелација, но тој и натаму продолжи да ја врши функцијата. За државен јавен обвинител беше назначен во февруари 2024 година.