На најавите за блокадата на Собранието премиерот Димитар Ковачевски одговори со остра реакција вели дека ВМРО-ДПМНЕ се однесува неодговорно и дека сето тоа се прави по нарачка на Груевски. Блокирањето на Собранието во овие услови на криза е најлошото нешто што може да го направи еден политичар а тие и досега блокираат над 50 закони, порача Ковачевски.
„Ова е едно неодговорно однесување кое што не носи добро никому освен на оној кој што тоа го прави а тоа е Никола Груевски, кој што очигледно дека се уште му дава наредби на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да прави вакви чекори. Воопшто не доликува на демократска партија да одбројува денови, денес било петти ден, па четврти ден ии да се случи со уцени и да се служи со закани“, рече Ковачевски.
Одлуката за спроведување блокада на Собранието беше потврдено и на синоќешната седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, по што беше пратена порака дека блокада ќе има се додека власта не се согласи за предвремени парламентарни избори. Мицкоски денеска повторно побара од СДСМ да седнат и да договорат датум за избори, а вели дека нарачки не добивал од никого.
„Ова кое што вчера го донесовме како заклучок на седницата на Извршниот комитет е практично реакција на акцијата на власта и за сите понатамошни последици власта ќе биде таа што ќе биде одговорна бидејќи јас лично и ВМРО-ДПМНЕ многу пати во изминативе 100 дена повикувавме на заедништво, повикувавме на дијалог, повикувавме на разговор да седнеме да зборуваме за проблемите, да зборуваме за одржување предвремени парламентарни избори“, рече Мицкоски.
Приклучување кон блокадата на Собранието најавија и од движењето Беса.
„Со тие капацитети што ги има Беса, во случајот со двајцата пратеници во Собранието ние ќе делуваме да имаме активна блокада затоа што цениме дека после неуспехот да се добие датум оваа Влада нема ни најмалку кредибилитет да продолжи понатаму. После сите овие кризи со кои се соочуваме и со нерешеното одлучување и постапување на оваа Влада цениме дека оваа Влада веќе го нема легитимитетот и затоа ни се потребни предвремени избори“, вели Касами.
На најавите за блокада вчера реагираа и од ДУИ од каде оценија дека опозицијата спроведува институционално насилство кое не оди во интерес на граѓаните. Претседателот на Собранието пак Талат Џафери вели дека ќе постапува според собранискиот Деловник а дека секоја партија е одговорна за своето дејствување пред граѓаните.
