Ковачевски не стравува за мнозинството – можно ли е Алијанса за Албанците да влезе во власта?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Димитар Ковачевски не стравува од нестабилност во Владата ниту дека би можеле да го загубат владејачкото мнозинство во Собранието. Тој ова го изјави по најавата на отцепување на неколку пратениците на ДУИ кои се дел од фракцијата во партијата наречена Огнена група. Ковачевски во одговорите на новинарските прашања за тоа дали е стабилна Владата беше многу краток.

Димитар Ковачевски: Стабилна е.

Н: Дали има опасност од губење на мнозинството бидејќи дел од пратениците на ДУИ најавуваат отцепување од пратеничката група? Тие се дел од потписниците практично на писмото кое беше испратено до Ахмети.

Д.К.: Нема опасност од губење на мнозинството во парламентот.

Неофицијално незадоволните членови чекаат средба со Али Ахмети и потоа ќе одлучат дали ќе се отцепат од партијата или ќе делуваат како фракција. Во оваа група се и двајца пратеници кои доколку решат да се отцепат може ќе се загрози мнозинството на актуелната власт.

Дали во ваквата состојба во власта би можеле да влезе Алијанса за Албанците, откако вчера и ВД претседателот на партијата Арбен

Таравари рече дека доколку дојде таква понуда ќе ја разгледаат.

Сепак пратеникот Сурија Рашиди вели дека засега тоа се само шпекулации.

„Во актуелниот момент кога зборуваме тоа е само шпекулација. Во Алијанса на Албанците нема такво нешто, ние продолжуваме да дејствуваме како опозиција. Во моментот сме ангажирани во структурирање на партијата секаде каде што живеат наши гласачи и граѓани. Тоа е најбитното за нас сега. Сепак нема да ги коментирам изјавите на претседателот на партијата. Такво прашање не е дискутирано во партиските структури како што знаете ние сме во преоден период пред конгресот на партијата“, вели Сурија Рашиди.

Пред неколку дена во писмо од актуелни и поранешни функционери испратено до Ахмети беше наведено дека тие се незадоволни од начинот на функционирањето на ДУИ во која привилегија има Артан Груби. Писмото е потпишано од 20-ина членови меѓу кои и Изет Меџити, Муса Џафери, Висар Ганиу, Невзат Бејта, Блерим Беџети и други.