Ковачевски: Ние сме држава која што на највисок пиедестал ги има искачено правата на сите заедници во државата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Димитар Ковачевски изрази подготвеност за спроведување на уставни измени по резултатите од пописот.

Одговарајќи на прашањето на ТВ21 за тоа дали е можна измена на Уставот, со оглед на тоа дека после пописот се погласни се најавите на албанските партии дека формулација од „20%“ треба да се избрише, Ковачевски рече дека тоа треба да се направи прво во дијалог со политичките партии.

„Уставот се менува низ уставна процедура. Таа уставна процедура значи дека Собранието на државата треба да отвори дискусија. Најпрво почнува со дискусија меѓу политичките партии, а се вклучуваат и експерти“, додава Ковачевски.

Тој додава дека употребата на јазиците во државата е регулирано со Законот за употреба на јазиците.

„Ние сме држава во Европа која што на највисок пиедестал ги има искачено правата на помалите заедници, и на сите заедници во државата, за тоа сведочи тоа што имаме Министерство за политички систем, за правата на заедници. Имаме Агенција за јазици и.т.н.“, вели Ковачевски.

Инаку, пред два дена претседателот на ДПА, Мендух Тачи во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 истакна дека навредливата формулација од „20%“ мора да се промени.

Зборувајќи за резултатите од пописот и реакциите кои следеа од сите страни Тачи рече дека конечно треба да дојде до помирување помеѓу двете најголеми заедници во државата, Македонците и Албанците.

„Албанците се толку колку што се, ако постојано некои негираа дека тие се под 25% сега тоа се бетонираше, но има уште нешто што конечно треба да се промени. Формулацијата од „20%“ е навредлива, Албанците не се бројка или процент, тие се народ и тоа така треба да се формулира, јазикот кој го говорат повеќе од 20% во државата, а не е македонскиот е албански и тоа така треба да стои“, вели Тачи.