Ковид-19 во сенка на изборите! – Азири: Да го остраниме „вирусот ДУИ“ од Влада – „Ваквата изјава е последица на изолацијата“, вели Груби

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со намалувањето на бројот на заразени, лека-полека темата за избори ја става во сенка пандемијата од коронавирусот. Синоќа во „Клик Плус“, Елми Азири од Алијанса за Албанците, рече дека откако ќе го победиме вирусот Ковид-19, ќе треба да го отстраниме и вирусот на Албанците – ДУИ.

„Ние би сакале вирусот Ковид-19 да замине, па потоа што поскоро на избори да го отстраниме и вирусот на Албанците – ДУИ. Би сакале да има нормални избори, избори какви што имавме досега. Секако, ова е нашата желба, не зависи од нас. Мислам дека одлуката ќе ја донесат лекарите, епидемиолозите, Кризниот штаб итн.“, истакна Елми Азири.

Веднаш реагираше Артан Груби од ДУИ, кој рече дека изјавата на Азири е последица на карантинот.

„Жал ми е за изјавата на г.Елми, можеби е лапсус, не верувам дека така мислел“, истакна Артан Груби.

НОВИНАР: Изјавата во која ДУИ ја нарече „албански вирус“?

А.Г: Да, навистина е за жалење, мислам дека тоа се последици од изолацијата или пандемијата. Подготвени сме за избори уште од февруари минатата година и го одржувавме тој ритам. Верувам дека сите политички партии работеа, се подготвуваа, ги составуваа политичките програми, дека им е подготвен пропагандниот материјал, како и изборните штабови.

Предвремените парламентарни избори требаше да се одржат на 12 април, но беа одложени поради прогласување на пандемија на Ковид-19.