Два дена пред почетокот на изборната кампања, директорот на финансиската полиција Арафат Мухареми заедно со вицепремиерот за борба против корупција, Љупчо Николовски поднесоа кривична пријава до Обвинителство против пет лица за оштетување на општинскиот буџет со над 1,5 милиони евра.
Едниот од нив е актуелниот градоначалник и кандидат за градоначалник на општина Петровец, Борче Митевски кој веќе 3 мандати управува со оваа општина. И зошто токму сега пред почеток на изборите е отворен овој предмет, иако анонимната претставка за злоупотреба на службената должност и перење пари е доставена во мај оваа година? Го прашавме вицепремиерот Николовски дали станува збор за политичка одмазда?
Освен оваа претставка, поднесени се и многу претставки за работата на спортските федерации, за што целата документација е доставена во ЈО за постапување.
Градоначалникот на општина Петровец,Борче Митевски ни рече дека не е во состојба да зборува пред камера бидејќи е заразен со ковид 19. Писмено ги демантира сите обвинувања велејќи дека тоа што се води црна кампања е бидејќи тој е најуспешниот градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Беше направена и претходно контрола од сите останати служби при органите на МВР, каде што беше со месеци „чешлана“ документацијата (од страна на Секторот за организиран криминал и корупција), но досега не беше ништо спорно за направената а тука спомената набавка. Прашањето а воедно и демант е како тоа кога СДСМ која е на власт веќе 5 години, сега на помалку од месец дена пред изборите вадат од нафталин наводни ,,фиктивни фактури и перење пари,, кои не биле реализирани а исплатени во 2012 година“, истакна Борче Митевски.
До Обвинителството е поднесена кривична пријава против пет физички и три правни лица за злоупотреба на службената должност, каде постои основа за злоупотреба на позицијата и службената должност, поттикнување на злоупотреба на службената должност, злоупотреба на постапката за јавно-приватно партнерство и перење пари.
