Кривична пријава против две лица и две фирми за сомнеж за намерно предизвикување стечај

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Обид за избегнување долгови кон доверители во вредност од стотици милиони денари е предмет на кривична пријава што Управата за финансиска полиција ја поднесе до Основното јавно обвинителство Велес. Пријавата се однесува на две лица и две правни лица од Валандово и Дојран, поради сомнежи за сторено кривично дело „Намерно предизвикување стечај“.

Според наводите на Финансиската полиција, првопријавениот А.К., сопственик и управител на фирма од Валандово, во периодот од 2020 до 2023 година наводно преземал дејствија со цел да избегне исплата на обврските кон повеќе доверители. Најголемиот долг, според истрагата, бил кон странско правно лице и изнесувал 289.617.022 денари, додека обврските кон Управата за јавни приходи изнесувале 883.283 денари.

Сомнежите се дека преку преземените дејствија била создадена привидна финансиска немоќ на фирмата, со што требало да се оневозможи наплатата на долговите.

Како дел од наводната шема, првопријавениот склучил договор за закуп со друго правно лице со кое, исто така, управувал. Иако договорот, според Финансиската полиција, не бил реално спроведен ниту бил евидентиран во сметководството, по неговото еднострано раскинување во 2023 година биле евидентирани пенали во износ од 233,7 милиони денари. Врз основа на нив бил запишан товар врз имотот на друштвото.

По приговор од доверителите, Основниот граѓански суд Скопје донел привремена мерка со која било запрено извршувањето.

Откако не успеал обидот за отуѓување на недвижниот имот, А.К., според пријавата, со помош на Ј.Т., управител на правно лице од Дојран, презел дополнителни дејствија за предизвикување стечај на фирмата.

Во таа насока, биле префрлени четири милиони денари по основ на позајмица. Средствата претходно биле примени од правно лице основано од сопругата на првопријавениот, по што бил поднесен предлог за отворање стечајна постапка против друштвото.

Од Финансиската полиција наведуваат дека кривичната пријава е поднесена поради постоење основи на сомнение за кривично дело „Намерно предизвикување стечај“ од член 254 од Кривичниот законик.