Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против поранешниот министер Оливер Спасовски под сомнение за злоупотреба на службената должност и овластувањето. Ова затоа што, како што се соопштува, во текот на 2021 година поранешниот министер овозможил една станица за технички преглед во општина Сарај да стекне противправна имотна корист над 90 илјади евра.
„О.С. го сторил делото на тој начин што во законски предвидениот рок не донел решение за одземање на овластувањето за вршење технички преглед, врз основа на предлог доставен од надлежната организациска единица за граѓански работи. Иако знаел дека рокот за донесување на ова решение е најдоцна 15 дена од денот на приемот на предметот, тој не ја извршил својата службена должност согласно Правилникот за начинот и постапката за давање и одземање на овластувањето на правните лица кои вршат технички преглед на возила и категориите возила за кои се издава ова овластување“, велат од МВР.
Поранешниот министер Спасовски целосно ги отфрли овие тврдења, истакнувајќи дека не го изненадуваат методите и дека ВМРО-МВР-О се активира секогаш кога треба да се дефокусира јавноста од вистинските скандали на владата, криминалот и лошата економска состојба.
„Јасно да се разбере, ова е класичен обид за политички прогон, за дефокусирање на темата од мигрантите и скандалите на власта. Имам само една лична дилема – дали повеќе им пречат моите резултати кога бев министер, или проблемот е мојата посветеност во борбата за вистината како опозиционер“, вели Оливер Спасовски.
Спасовски беше министер за внатрешни работи во повеќе мандати, во периодот 2015–2024, со неколку прекини поради функционирањето на техничката влада.
