Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривична пријава против 61-годишен жител на скопското село Студеничани, осомничен за неовластено влегување во воени објекти и документирање на нивната внатрешност.
Според информациите од полицијата, пријавениот, кој бил ангажиран како возач на автобус во фирма што врши превоз за потребите на Министерството за одбрана, на 17 февруари влегол во кругот на касарната во Тетово.
За време на престојот во објектот, како што се наведува, тој изработувал скици и цртежи од воениот простор и од борбените средства, а направил и три видео записи. Снимките подоцна ги споделил преку мобилна апликација.
Од СВР Тетово информираат дека се преземаат дополнителни мерки и активности со цел целосно расчистување на случајот, по што ќе следуваат соодветни постапки.
