Народниот правобранител, Насер Зибери, ќе иницира кривична пријава за претресот на полицијата во затворот во Идризово во текот на октомври, при што истакна дека затворениците биле малтретирани.
„Полицијата непотребно искористила прекумерна сила врз овие лица бидејќи не наишла на отпорност, ниту при влезот ниту во текот на претресот. Исто така биле насилни и откако ги врзале овие лица ги натерале да го исчистат теренот со притисок и насилство“, вели Насер Зибери.
Во текот на презентирањето на состојбата со човековите права и слободи за 2023, Зибери зборуваше и за прекршување на правата на учениците во образованието, при што им е негирано правото да учат на мајчин јазик.
„ОМБУСМАН отвори предмет и за овој случај, се обрати до надлежните институции. Министерството за образование, Општина Гази Баба, Образовниот Инспекторат и Директорката на училиштето во Јурумлери. Од првите одговори се добива впечаток дека секоја институција вината ја префрла кај другите, а фактички не се преземени мерки за надминување на проблемот“, вели Насер Зибери.
Народниот правобранител 2023 година ја оцени како особено тешка за правата на граѓаните, при што изјави дека годината заврши со тежок случај со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска.
Што се однесува до брзите кредити, Зибери рече дека финансиските компании продолжуваат да даваат кредити без правилна проверка на идентитетот и без транспарентност во однос на условите на кредитите. Тој изјави дека тоа довело до злоупотреба и прекршување на правата на граѓаните.
А за промената на личните документи Зибери нагласи дека проблемот се уште не е надминат бидејќи на пунктовите кои се отворени се создаваат долги редици, а според него трошоците за промена на овие документи треба да ги покрие Владата, но оваа препорака не беше земена предвид.
