Кривична против Ејуп Рустеми и уште 4 лица! Апсењата продолжуваат, се сомничат 15 лица

НАЈНОВИ ВЕСТИ

МВР поднесе кривична пријава против поранешниот директор на ЈП Државни патишта, Ејуп Рустеми, поради сомневања за злоупотреба при јавни набавки во ова претпријатие. Освен за него, поднесена е кривична и против Дрилон Зибери раководител на одделение за наплата на патарини и контрола, Ејуп Љатифи помошник директор за оддржување на патишта, Џемал Билбиловски сопственик на компанија за обезбедување, како и за уште едно лице од Скопје.

-Станува збор за договор за јавна набавка склучен на 08.08.2022 година со кој осомничениот управител на агенцијата за обезбедување се обврзал две години да врши континуирано физичко обезбедување 24/7 на сите 14 наплатни станици на Јавното претпријатие за државни патишта. Иако согласно потпишаниот договорот бил должен, не се придржувал кон обврската и за целиот период од договорот вршел само делумно физичко обезбедување, најчесто само во прва смена, а на договорниот орган фактурирал услуги како да било вршено 24/7 физичко обезбедување за целиот период на договорот се до неговото раскинување, велат од МВР.

Тие се сомничат дека со злоупотребите го оштетиле буџетот во вредност од 46.9 милион денари. Обвинителството бара притвор за сопственикот на компанијата, а за другите мерка на претпазливост.

-На овој начин другите осомничени на првоосомничениот, носител на набавката му овозможиле да прибави противправна имотна корист во износ од 46.918.079 денари и со тоа нанеле штета од големи размери на Јавното претпријатие за државни патишта.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за првиоосомничениот, додека за останатите се предложени мерки на претпазливост, велат од обвинителство.

Според изворите, првоосомничен е Џемал Билбиловски, кој е сопстевик на компанијата за обезбедување „2СС“. Според истите извори, уште 15 лица се осомничени, сегашни и поранешни функционери во неколку институции, како што се ЈПДП, ЈП Македонија Пат, Трудовиот инспекторат и секторот за рударство.