Кривичниот совет го потврди притворот на Зеќири

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

 Кривичниот совет го потврди решението на судијата на претходна постапка со што поранешениот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири останува во притвор во Истражниот затвор „Скопје“ во Шутка.

– Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција, постапувајќи по жалба на одбраната на осомничениот М.З. во однос на решението на судија на претходна постапка, денеска одржа јавна седница во присуство на странките, по која ценејќи ги фактите приложени во жалбата, донесе решение со кое го потврди решението на претходна постапка со измени во основите кои постојат за  определување на мерката притвор. Односно, советот го преиначи решението на претоходна постапка на начин што ја укина точна 3 од чл. 165 ст.1, односно можност обвинетиот да го повтори делото, се вели во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.

Како што судот веќе извести, судија на претходна постапка, одлучувајќи по предлог на ОЈО ГОКК за определување мерка притвор, на 08.04.2022 година донесе решение со кое го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите  од чл. 165 ст.1 т.1,2 и 3 од ЗКП.

Зеќири, минатата недела поднесе неотповиклива оставка од функцијата Генерален секретар во Владата по сомневањата дека ја злоупотребил службената положба.

Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го сомничи Зеќири дека во периодот од април 2021 година до јануари 2022 година, со искористување на службената положба, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани. Со преземените дејствија, осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100 денари, на штета на Буџетот на Р.Северна Македонија, износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги.