Кризата на блискиот исток и утре да заврши, ќе има последици – Димовски: Претпоследни сме во регионот по тоа колку литри дизел се купува со минималец

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Изјавите дека ние имаме најевтини горива во регионот се политички наратив, но реалноста е дека сме предпоследни во регионот по тоа колку литри дизел може да купат македонските граѓани со минимална плата. Ова во емисијата Бизнис 21 го изјави Дејан Димовски енергетичар, претставник од здружението„Инженери на Македонија“. Тоа го покажала анализата која ја направиле во последните денови од март.

„Еден човек кој што има минимална плата во Македонија колку литри дизел може да купи доколку ја потроши целата своја минимална плата. И од осум држави во регионот кои што ги анализиравме, Македонија е на седмо место, само подобра е во споредба на тие два параметри од Албанија. Полоша е и од Косово и од Србија и од Црна Гора и од Босна и Херцеговина и од Хрватска и од Бугарија и од Грција“, изјави Димовски.

Димовски не е оптимист дека кризата поради конфликтот на Блискиот Исток брзо ќе се реши. Вели последиците глобално ќе бидат далекусежни. Смета дека мерките кај нас не се доволни и треба повеќе да се насочат кон ранливите категории на граѓани. И смета дека сепак некој профитира од кризата кај нас.

Дека треба таргетирани мерки, а не мерки за сите граѓани смета и Виктор Митевски од Здружението ЗМАИ. Според него мерки за храната нема се уште бидејќи земјава е со повисока стапка на инфлација од земјите од ЕУ не само сега поради кризата, туку години наназад.

„Затоа прееска кога зборував за инфлацијата ја споменав базичната инфлација. Значи Народната банка кажува дека не се енергенсите и храната тие кои што ја диктираат инфлацијата во нашиот систем само. Имаме скриени фактори кои што кажуваат каква, односно имаат големо влијание на инфлацијата. Што значи тоа? Една од клучните работи и ова го зборуваме веќе како флоскула и економистите и бизнис секторот. Нефер трговски практики. Епа луѓе донесовме закони не ги имплементираме“, изјави Митевски.

Покрај насочени мерки, треба и поголеми контроли, рационализазација во трошењето на енергенси, смета Славе Ивановски, кој е првиот претседател на Регулаторната комисија за енергетика. Вели дека треба и поголема транспарентност од институциите, со цел да се спречат шпекулативни реакции на пазарот. Вели кризата е преголема, но е оптимист дека е можен договор за прекин на огнот.

„Не може да си дозволи светот заради параноични изјави да се најде во нова економска криза со несогледливи последици. Фактички ние се сведовме на очекување што ќе „твитне“ Господинот Трамп секоја вечер и дали ќе бидат тоа четириесеттиот или седумдесетиот негов „твит“. Таа неизвесност убива. Меѓутоа кризата е голема“, рече Ивановски.

Вели 26 милијарди долари досега се потрошени за нечии каприц, а она што ќе биде последица од кризата може да биде распадот на ОПЕК. Излегувањето на ОАЕ од ОПЕК кажува дека или ќе треба да се реструктуира, или ќе се распадне-вели Ивановски.Смета дека најголем добитник од конфликтот на Блискиот Исток ќе биде Кина, на долг рок Европа, а Америка нема што да изгуби, бидејќи не е зависна како што тврди од Ормутскиот теснец.