Кризниот штаб ги усвои препораките – за угостителите мерките се дискриминирачки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Препораките за ублажување на анти ковид мерките ги усвои Кризниот штаб. Одлуката свадбите и другите поголеми забави да се прават само на отворено, предизвика незадоволство кај сопствениците на ресторани но и кај свадбарите.

Љуљзим Хасани кој поседува затворен ресторан, се жали дека и оваа година ќе имаат големи загуби. Според него, оваа одлука е дискриминирачка бидејќи, како што вели, во земјава околу 80% од објектите за свадби се затворени.

„Големите проблеми на секторот за угостителство и туризам, не можат да се надминат со мерки од овој тип. Многу се конфузни, воопштени, недоволни од финансиски аспект, а и дискриминирачки. Дискриминирачки од причина што над 80% од овие објекти се затворени објекти. Затоа резултатот е ние да  сме се уште затворени“, истакна Љуљзим Хасани.

Министерот за здравство, Венко Филипче и натаму апелира на внимателност од страна на граѓаните. Тој вели дека забавите може да се одржуваат само на отворено и тоа со 50% исполнетост од капацитетот.

Сопствениците на ресторани се жалат на големи финансиски загуби. Тие велат дека и доколку им дозволат во последен момент да се одржуваат свадби на затворено, ќе постои загриженост и кај свадбарите но и кај нив. Инаку до 15 јуни се очекува КЗБ да се состане и уште еднаш да разгледа можно ублажување на актуелните мерки, согласно епидемиолошката состојба со Ковид 19.