Епидемиолошката ситуација во Србија е најлоша од почетокот на коронавирусот. Се бележат рекорди и во новозаразени и во починати на дневно ниво, иако речиси 60% од населението е вакцинирано со две дози, а почна и вакцинирање со трета доза.
Членот на кризниот штаб на Србија, д-р Предраг Кон предлага делумно да се затвори земјата на 10 дена.
„Ставот кој ќе го застапува медицинскиот дел е затворање на 10 дена. Се подразбира да се намалат контактите. Да биде отворено само тоа што е потребно, а другото да биде затворено 10 дена“, рече Кон.
Тој напомена дека ова било барано и на минатата седмица, но дека не било прифатено. Исто така ќе се бара собирањата да бидат ограничени на пет лица.
Србија веќе втор месец влегува во период во кој има преку 6000 заразени дневно, а таа бројка во еден момент отиде и над 8000. Ситуацијата е лоша, нема места во болниците, и за хоспитализирање се чека по неколку часа.
