До крајот на неделава Владата треба да донесе одлука за намалување и замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот. За ова прашање повеќето трговци од зелен пазар не сакаа да зборуваат пред камерата на ТВ21, но велат дека конечната цена не зависи од нив туку од снабдувачите. Дури според овој трговец доколку се намалат цените на големо, тоа ќе значи повеќе работа за нив.
„Што се однесува до нас, многу полесно е ако се намалат и замрзнат цените, отколку оваа состојба во која сме сега бидејќи потрошувачите со овие плати и пензии не можат да ги издржат овие цени. И ние повеќе ќе продаваме со пониски цени“.
Од друга страна, земјоделецот Таџедин Идризи кој работи на Кванташки пазар, во телефонски разговор ни рече дека покачувањето на цените е последица на скапиот увоз, а истакна дека замрзнувањето на цените би влијаело негативно.
„На пример зелката и некои други производи се многу поевтини, а за производите што ги увезуваме од надвор цената ја диригира тој што ја има стоката, што ја произведува и продава.. Тоа не зависи од нас, тоа е производ што го произведува некој друг а не ние. Доаѓаат од Турција, Грција, Египет, на пример кромидот“, вели Таџедин Идризи.
ТВ21 ги спореди цените од минатата година во март и цените по кои сега се продаваат некои зеленчуци.
ЦЕНА 2022 | ЦЕНА 2023 | ПОСКАПУВАЊЕ (%) | |
КРОМИД | 33 ден | 75 ден | 111% |
ДОМАТ | 116 ден | 139 ден | 18,8% |
КОМПИР | 40 ден | 43 ден | 6,1% |
КРАСТАВИЦИ | 121 ден | 135 ден | 11,5% |
ЗЕЛКА | 35 ден | 25 ден | 27,5% |
Според оваа графика цената на кромидот е повисока за 111% во споредба со минатата година во истиов период. Според Идризи кој вели дека 35 години се занимава со одгледување кромид, оваа година имаат недостиг од кромид, затоа трговците мораат да го увезуваат. Токму тоа е причината според него за високата цена на кромидот. Велат дека доколку Владата ги замрзне цените, на трговците им остануваат две опции, или да работата со минимална заработка или воопшто да не работат. Но од влада истакнуваат дека има голема разлика меѓу цената од снабдувачите до цената на пазар, затоа во текот на оваа недела ќе се одлучува дали ќе се интервенира.