Ова место некогаш било вистински рај, место кое го посетувале разни спортски екипи од земјава, но и кичевчани кои го користеле за спорт и рекреација. Објектот бил хотел и ресторан за сите љубители на природата. Но, денеска гледаме речиси уништени објекти, расфрлан смет, разни отпадоци и есенски лисја кои никој не ги собрал. Вака изгледа Крушино. Веќе долго време, освен спортскиот центар, не функционира ништо друго. Местото е во надлежност на Министерството за одбрана. Жителите велат дека веќе немаат надеж дека местото ќе изгледа како порано.
-Не сум многу оптимист. Јас сум од зелената партија „Еко“, често доаѓам тука со вреќи да собирам отпад. Порано Крушино беше рај за очи, сите излегувале без оглед на верата и националноста. Уживавме, младите се дружеа. Навистина беше спортско-рекреативен центар, но не знам зошто го оставија вака, не го даваат никому под концесија“
-Порано, старите имаа една изрека „Господ оди на земја “, односно сè беше убаво, имаше тераса надвор, музика, доаѓаа фудбалски, ракометни и кошаркарски екипи. Со распадот на поранешна Југославија, остана како сите останати индустрии… ја изгуби убавината. Неодамна слушнав дека е во надлежност на АРМ.“.
Градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, бара овој важен локалитет за кичевчани да премине во надлежност на општината. Но, од Министерството за одбрана, како што вели Дехари, не добил конкретен одговор.
-Не добив дефинитивен став – да или не. Сепак продолжувам да настојувам објектот или локацијата на Крушино да преминат во општинска надлежност и потоа да го изготвиме потребниот проект за тој локалитет-вели Дехари.
Но, како што се чини Министерството за одбрана веќе има донесено одлука. Од таму за ТВ21 велат дека ги анализираат опциите за реновирање на објектите и ставање во служба на армијата.
-Министерството за одбрана ги анализира сите опции околу објектите на локацијата Крушино во Кичево. Се прават проценки на можностите за инвестиции и одржување на објектите со кои тие би се ставиле во функционалност за потребите на Армијата, а од Бирото за судски вештачења побарана е проценка на недвижниот имот. Анализите се во тек, а одлуката ќе биде донесена во координација со Генералштабот на Армијата-велат од Министерството за одбрана.
Овој пат за кој што ТВ21 известуваше неколкупати, сѐ уште не е асфалтиран. Од Јавното претпријатие за државни патишта, прво ветија дека градежните активности ќе почнат во август, потоа го пролонгираа рокот за септември, но иако веќе влеговме во 2021, на овој пат не е поместен ниту еден камен.