Куќата на Халим-бег Дерала сè уште не е музеј: Општината вели дека постапките се при крај, се чека последното одобрение

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Куќата на Халим-бег Дерала, најстариот син на Мехмет-паша Дерала во Тетово, и понатаму не е музеј, и покрај постојаните ветувања од сите политички гарнитури. Здружението за заштита на културното наследство „Хута“ побара овој објект да се претвори во музеј за семејството Дерала. Барањето го упатиле до владата, од каде им било кажано дека надлежноста ја има општината, додека општината им кажала дека најпрво треба владата да им го предаде објектот, бидејќи моментално е во употреба на Универзитетот во Тетово.

„Како заклучок, сè уште не е преземен ниту еден конкретен чекор од ниту една од наведените институции кон унапредување на ова витално прашање за тетовчани и нивното наследство. На крај, им ги честитаме празниците на Ноември со надеж дека во иднина ќе имаме можност да ги одбележуваме со поголемо достоинство, на соодветното место“, вели Ндерим Лимани од Здружение „Хута“.

Од Општина Тетово велат дека процедурите се при крај. Добиле согласност од Министерството за финансии и Агенцијата за катастар, а го чекаат одобрението од Министерството за транспорт.

„Го очекуваме и последното одобрение од Министерството за транспорт и врски, по што ќе продолжат процедурите за објектот да влезе како точка на дневен ред на владина седница и конечно да биде вратен на општина Тетово, а потоа да се пренамени во мултифункционален културен центар, како што му е и намената, но и како што бараат невладините здруженија и граѓаните на Тетово“, вели Алби Ќамили, општина Тетово.

Куќата има историско и архитектонско значење. Халим-бег служел како пратеник од Тетово во парламентот во Белград и го пречекал Ахмет Зогу пред неговото враќање во Албанија во 1925 година. Со воспоставувањето на монархијата во Албанија во 1928 година, Халим-бег ја затворил куќата и се преселил во Тирана, каде што починал во 1932 година. По заминувањето на семејството, куќата некое време била користена како болница. Инаку, Халим-бег бил најстариот син на Мехмет-паша Дерала, генерал во османлиската војска кој им се придружил на албанските патриоти и во 1912 година бил избран за министер на војната во владата на Исмаил Ќемали.