Кумановци кои работеле во Авганистан и Ирак утре не протест

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кумановци, кои во изминатите години работеле во Авганистан и Ирак, за утре на Мал плоштад најавија неколкучасовен протест. Собирот ќе се одржи од 13 до 15 часот, но како што велат ќе биде без блокирање на улици. Велат дека ова не е протест против државата, туку за правда. Причината за нивното незадоволство е најавеното оданочување на приходите од странство, односно од 2020-та година. Тие тврдат дека за приходите кои ги добиле, веќе бил платен данокот од страна на компаниите преку кои работеле во Авганистан и Ирак.

Некои граѓани веќе добиле писма од страна на УЈП. Од УЈП велат дека не станува збор за нова регулатива туку за одредби кои се дел од важечките закони како Законот за данок на личен доход, според кои физичките лица, македонски даночни резиденти имаат обврска доходот од странство, кој подлежи на оданочување согласно одредбите од тој закон да го пријават во УЈП преку поднесување на електронска пресметка. Појаснуваат дека УЈП еднаш месечно добива податоци од банките за приливите од странство на сите физички лица.

Оние лица кои веќе платиле данок на приходите од странство, во земјата од каде што потекнува приходот, како доказ ќе треба да достават документ од надлежниот даночен орган во странство, кој може да биде во вид на уверение, потврда или друг документ за платен данок.

Инаку, Македонија има договор со 49 странски држави за одбегнување на двојно оданочување кое е клучен услов за граѓаните да не подлежат на данок и во државата од каде потекнуваат парите, и во својата матична земја.