Курти и Вучиќ без договор во Брисел – Борел: Влегуваме од криза во криза, сега е полошо од август

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти беа повикани на итен состанок, ден пред да стапат во сила казните за регистарските таблици на Србите на Косово. Но состанокот не донесе резултати. Шефот на ЕУ дипломатијата Жозеп Борел кој од осум часот утрово водеше билатерални дискусии со двете страни конечно попладнево се обрати пред новнарите со лоши вести: договор нема, а ситуацијата на терен е многу кревка. Спорот околу издавањето на регистарски таблици за Србите на Косово беше главна тема на денешните преговори. Косово бара Србија да престане да издава “КМ таблици“, со што денеска се согласила Србија, изјави српскиот претседател. Но истовремено ЕУ бара од Косово да не ги казнува оние кои не ги смениле таблиците. Оваа мерка стапува на сила утре. Според изјави дадени денеска Курти не се согласил да не се пишуваат казни за таблиците од утре. Борел предупреди дека постои голем и сериозен ризик од насилна ескалација во наредните денови. За да се спречи ескалација се бара Косово веднаш да ги суспендира сите чекори поврзани за регистрацијата на таблиците на северот на Косово, а Србија да престане да издава нови таблици со ознаки КМ.

-Од криза, во криза. Овој пат е дури полошо од август, кога морав да дојдам во Брисел кон средината на август да ја решиме претходната криза. Од август, прашањето за регистерските ознаки се влоши. Косово одлучи да ги казнува од 22 ноември, што значи вечерва на полноќ, за тие кои одбиваат да ги пререгистрираат возилата….На маса ставивме предлог за да се избегне овој ризик, Вучиќ го прифати, но Курти не…, изјави високиот претставник на ЕК за надворешна политика, Жозеп Борел.