Премиерот на Косово, Албин Курти ја оцени американската одлука да го прекине учеството на Косово на воената вежба во Европа под американско раководство како неправедна и катастрофа.
Американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, ден претходно соопшти дека Владата на Косово не ги координирала со САД акциите преземени на северот во државата и затоа ги претрпе првите последици, откажување на учеството на вежбите „Бранител Европа 2023“.
„Она што го видовме е прекин на вежбата „Бранител Европа 23“, за која се подготвувавме две години. Тоа е катастрофа. Мислам дека не е фер, но кој сум јас да одлучам? Повторно дозволете ми да нагласам дека САД се незаменлив пријател, партнер и сојузник за нашата безбедност и одбрана, за нашата демократија и развој, истакна Курти одговарајќи на прашањето на Радио Слободна Европа (РСЕ) дали американските мерки се удар за Косово.
Курти во Братислава денеска се сретна со високиот претставник на Европска Унија за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак.
На прашањето на РСЕ како помина средбата со европските претставници, косовскиот премиер истакна дека „средбата била важна“.
„Мораме да има имплементацијата (на договорот Косово-Србија) на вистинскиот пат и мислам дека некогаш сме стагнирале, а понекогаш скршнуваме од патот. Затоа ми беше многу важно да дојдам во Братислава на оваа средба и да ги информирам Борел и Лајчак, бидејќи треба да биде јасно за неодамнешните настани во Косово предизвикани од Србија, посочи Курти.
