Курти победи на вонредните избори во Косово

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Партијата на косовскиот премиер Албин Курти оствари победа на вчерашните парламентарни избори во Косово, покажуваат прелиминарните официјални резултати, според кои таа освоила близу половина од вкупниот број гласови. Ваквиот исход отвора можност за надминување на политичкиот застој што со месеци ја оптоваруваше земјата.

Централната изборна комисија соопшти дека движењето „Самоопределување“ добило 49,79 отсто од гласовите, по пребројување на околу 95 отсто од избирачките места. На второто место се најде Демократската партија на Косово (ПДК) со 21,18 отсто, додека третопласиран е Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) со 13,77 отсто.

По објавувањето на резултатите, Курти изјави дека е неопходно што побрзо да се пристапи кон формирање на институциите и упати повик до опозициските партии за соработка во парламентот, нагласувајќи дека тоа е во интерес на граѓаните на Косово.

На претходните избори, одржани на 9 февруари, „Самоопределување“ освои 42 отсто од гласовите, но поради недостиг на парламентарно мнозинство не беше формирана влада, што доведе до ново гласање. Конечните резултати се очекуваат по пребројувањето на гласовите од дијаспората.

За самостојно формирање влада потребни се најмалку 61 пратеник во Собранието од вкупно 120. Според податоците, на изборите гласале околу 45 отсто од регистрираните избирачи, што претставува зголемување во однос на февруарските избори, кога излезноста изнесуваше 40,6 отсто.

Нов неуспех во конституирањето на институциите би значел продолжување на политичката криза во период кога парламентот треба да избере нов претседател и да ратификува кредитни договори во износ од околу една милијарда евра со Европската Унија и Светската банка, чија важност истекува во наредните месеци.

Опозициските партии и натаму одбиваат коалиција со Курти, критикувајќи ја неговата политика кон западните партнери и пристапот кон етнички чувствителниот север на земјата, каде живее српското малцинство. Курти, пак, ја обвинува опозицијата дека е одговорна за актуелниот политички застој.