Деновиве имаме значително зголемување на бројот на заразени со Ковид-19, па затоа Комисијата за заразни болести одржа состанок на кој членовите дискутираа околу неколку предлог мерки за кои дополнително ќе бидат донесени одлуки и заклучоци. Денеска не беше донесена ниту една одлука.
На состанокот беше разгледан предлогот за намалувањето на времето за изолација на заразените со Ковид-19 кои се асимптоматски. За овој предлог, членовите на Комисијата ќе донесат одлука по дискусија која ќе следува во наредните денови.
Меѓу другото беше разгледана и можноста за промена на почетокот на второто полугодие од учебната 2021/22. Одлуката за ова мерка ќе биде донесена непосредно пред стартот на полугодието, а одлучувачки фактор за тоа ќе биде епидемиолошката состојба во земјава. Секоја можна одлука во однос на почетокот на второто полугодие ќе биде во согласност со МОН.
Инаку, вчера неколку претставници на Движењето „Поддршка за онлајн настава“ пред Владата побараа наставниот процес во второто полугодие да почне онлајн, поради зголемениот број на заразени. Ана Глигорова, рече дека досега во училиштата не се почитувале протоколите за заштита на учениците.
Со реакција се јави лекарот и професор по медицина, Нико Беќаровски, кој на својот Фејсбук профил напиша дека местото на децата е во училишните клупи, а Движењето „Поддршка за онлајн настава“ го нарече самопрогласено.
„Ако во Грција со преку 20.000 нови случаи и во Хрватска со 9.000 нови случаи секој ден, ДЕНЕС ЗАПОЧНА НАСТАВА СО ФИЗИЧКО ПРИСУСТВО, нема ниту една причина некое си „САМОПРОГЛАСЕНО ЗДРУЖЕНИЕ“ да бара online настава во Македонија. За децата омикрон е обична вироза, какви што има секоја зима !!! Местото на децата е во училишните клупи, а на неработниците вон образованието. Единствено може почетокот да се одложи до понеделник 24 јануари“, пишува Нико Беќаровски.
По новогодишните празници зема замав новиот бран на коронавирус – омикрон. Се појави доста порано од најавеното, со оглед на тоа што прогнозите на лекарите беа дека бранот ќе пристигне кон крајот на јануари или почетокот на февруари. Последниве денови бројот на заразени е над 1.000 дневно, а градови со најголем број случаи се Скопје, Битола, Куманово и Прилеп.
