Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Украина се обидела да изврши напад врз резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин во Новгородската област и рече дека Москва ќе ја преиспита својата преговарачка позиција како резултат на тоа.
Според Лавров, Украина се обидела да ја нападне државната резиденција на рускиот претседател на 28 и 29 декември користејќи 91 беспилотни летала со долг дострел. Сите тие, тврди тој, биле уништени од руската воздушна одбрана, пренесува Ројтерс.
„Ваквите неодговорни дејствија нема да останат без одговор“, рече Лавров, опишувајќи го нападот како „државен тероризам“. Тој додаде дека веќе се утврдени целите за одмазднички напади од страна на руските вооружени сили.
Лавров нагласи дека инцидентот се случил во време кога се во тек преговори за евентуален мировен договор во Украина. Тој нагласи дека Русија нема да се откаже од преговорите, но рече дека преговарачката позиција на Москва ќе биде преиспитана поради инцидентот.
Засега не е јасно дали Владимир Путин бил во резиденцијата во времето на наводниот напад.
