Министерот за економија, Крешник Бектеши потврди дека се прават манипулации со лажни фактури при увоз на пелети во земјава, затоа, како што вели, трговците на мало и големо се жалат на цената што е замрзната. Револтиран, првиот човек на овој ресор ја повика Управата за јавни приходи и Царинската управа да извршат контроли и да изречат казни доколку се утврди дека се доставуваат лажни фактури.
Во однос на цените на основните прехранбени продукти, министерот Бектеши, кон почетокот на декември очекува намалување од 5 до 12-13%. Доколку нема вакво намалување, како што рече по средбата со производителите и претставниците на најголемите ланци маркети, ќе бидат усвоени новите мерки од Законот за трговија.
Доколку се утврдат манипулации во делот на цените, Бектеши најавува санкции за тие компании, додавајќи дека во време на криза товарот не смее да падне врз грбот на граѓаните.
