Лекарите и сестрите се на првата линија на фронтот во борбата против Ковид 19. Не еден или два дена, туку цели 13 месеци без престан. Во земјава многу лекари и медицински сестри ја загубија битката со Ковид 19, а тоа ја отежна многу состојбата со здравствениот персонал.
Здружението на медицински сестри во Македонија “Флоренс Најтинген“ во секој град додели признание на по една сестра која во овие 13 месеци учествува во битката со корона вирусот.
Во Кичевската болница ова здружение ја одликува Арјана Садику која 13 месеци од почетокот на пандемијата беше покрај пациентите како во Кичево така и на Скопската клиника кога имало потреба.
„Се собравме во нашиот град за да и доделиме признание на една медицинска сестра која 13 месеци без ниту еден слободен ден го жртвуваше семејството, себеси, и беше постојано со пациентите кои во моментов се во нашиот центар. Ја имам честа да и ‘ доделам признание на сестра Арјана Садику“, истакна Нора Неџипи.
Сестрата која беше одликувана рече дека ова им го посветува на нејзините колеги кои постојано биле покрај пациентите кога им биле најпотребни во ова време на пандемија.
„За мене ова е неочекувано изненадување, бескрајно им се заблагодарувам на колегите особено на здружението чија иницијатива е ова бидејќи навистина за овие 13 месеци жртвувајќи се себеси ние овде сме семејство,особено за пациентите се надевам го правиме невозможното“, истакна Арјана Садику.
Во Ковид центарот во Кичево во моментов се хоспитализирани 36 пациенти со тешка клиничка слика а состојбата постојано се влошува. Вакцинирани се 500 граѓани на возраст над 77 години.
