Лекарите од Градската општа болница „8-ми септември“ излегоа на протест, за како што велат неисполнување на претходно дадените ветувања од страна на надлежните.
Тие бараат „8 Септември“ да има статус на клиника, да добијат инфективен додаток за лекувањето на ковид-пациенти, како и да им се зголеми процентот на додатоците за дежурства на исто ниво како на нивните колеги вработени во клиничките болници.
„Излеговме на протест бидејќи ни беше ветено дека ќе ни се изедначи вредноста на нашиот труд со клиничкиот центар ‘Мајка Тереза’, но тоа се уште не е сторено. Ние како болница од март се бориме со ковид-19 и мислам дека нашата работа и нашиот труд не е вреднуван. Ни ветија дека дежурствата, платите ќе ни бидат изедначени како со Клиничкиот центар и дека ќе ни го исплатат инфективниот додаток, вели во изјава за „360 Степени“ д-р Петар Атанасовски.
