Летонската Влада воведе вонредна состојба на три месеци за да го ограничи брзото ширење на коронавирусот, јави локалната новинска агенција ЛЕТА. Одлуката стапува во сила на 11 октомври.
Летонскиот премиер Кришанис Каринс за време на владина седница рече дека треба да се избере меѓу ограничувањата предложени од Советот за управување со кризи или целосна блокада.
– Имаме две опции – или да одиме по начинот на кој се дискутираше, или да одиме по друг пат и да затвориме се на некое време. Сакаме да им дадеме можност на нашите деца да го продолжат своето образование во училиштата, сакаме да им дадеме можност на вакцинираните луѓе да продолжат да водат нормален живот. Сите правила се насочени кон гарантирање дека луѓето се вакцинирани, рече тој.
Пакетот мерки главно ќе влијае на луѓето без сертификат за вакцинација против Ковид-19 или за прележан ковид. Луѓето кои не биле вакцинирани и немале ковид, ќе можат да купуваат само во продавници за неопходни стоки и ќе бидат лишени од можноста да посетуваат трговски центри, а луѓето со ковид-сертификат ќе можат да посетуваат други шопинг места каде што мора да се обезбеди контрола на посетителите. Вакцинацијата ќе биде задолжителна во целиот јавен сектор, а барањата за вработените во приватниот сектор ќе се прошират. Работа од дома ќе се бара од секој за кого тоа е можно.
Оние кои имаат ковид-сертификат ќе можат да продолжат да даваат и примаат услуги лично, со почитување на барањата за епидемиолошка безбедност. Покрај тоа, луѓето со сертификат ќе можат да посетуваат ресторани, но нивното работно време ќе биде ограничено, тие исто така ќе присуствуваат на јавни настани, но бројот на посетители исто така ќе биде ограничен. Летонските училишта ќе продолжат да работат во ист режим со полно работно време, но децата и наставниците ќе мора да носат маски, и училиштата ќе спроведуваат редовни тестирања на учениците.
Од 9 ноември минатата година до 6 април оваа година, во Летонија беше во сила вонредна состојба, која предвидуваше голем број строги рестриктивни мерки. Овој режим беше во сила во земјата и од 13 март до 9 јуни 2020 година.
