Летот на авиокомпанијата Ер Франс од Париз кон Москва, кој беше откажан вчера, а кој требаше да се реализира денес, повторно е одложен, велат од аеродромот Шарл де Гол.
„Летот Аф-1154 на „Ер Франс“, кој требаше да замине од Париз, е откажан“, изјавија од аеродромската служба за агенцијата Тасс.
Ова е второ откажување на летовите од Париз до Москва во последните 24 часа.
Компанијата вчера објави дека го откажува летот AF1154 „од оперативни причини, а станува збор за заобиколување на белорускиот воздушен простор, поради што беше потребна нова дозвола од руските власти за влез во нивниот воздушен простор“, изјави портпаролот на компанијата, пренесе Ројтерс.
Европскиот совет ги повика европските авиокомпании да избегнуваат летови над Белорусија по инцидентот во кој белоруските власти принудија слетување на авион и уапсија новинар неистомисленик.
Советот исто така соопшти дека очекува Меѓународната организација за цивилно воздухопловство итно да го испита инцидентот.
