Зијадин Села, кој во моментов нема контрола врз печатите на Алијансата за Албанците, презел мерки за да не се повтори ситуацијата од последните парламентарни избори, кога единствениот начин да учествува во трката беше преку коалиција со друга партија. Бидејќи печатите сè уште се кај Арбен Таравари и се чека судска одлука, Села – за сигурност – регистрирал нов политички субјект, Лига на Албанците.
Села: „Артaн, ова е тоа што го кажав и претходно, ние немаме проблем да регистрираме политичка партија.
ТВ21: Значи веќе ја регистриравте?
Села: Јас сум претседател на Алијансата за Албанците, има една партија, што се вика Лига на Албанците, која има свој претседател, нели…
ТВ21: Кој е претседател?
Села: Една госпоѓица, Арбереша Селими, е претседателка на Лига на Албанците, но јас сум претседател на Алијансата за Албанците.
ТВ21: Ова првпат се спомнува…
Села: Овие податоци се јавни, не е регистрирано… не е направено во тајност.“
Села додаде дека во иднина нема да дозволат да зависат од некој друг, било да се работи за сојузници или политички противници.

„Ние не можеме да си дозволиме да зависиме политички и процедурно од било кој друг политички субјект. Било да се работи за сојузници или политички противници — зависноста е зависност, и тоа нема да го дозволиме. Минатата година бевме приморани, поради недостиг на печатите, бидејќи немаше време ни за поднесување независни кандидатури — роковите беа истечени, бидејќи сè беше направено по план за АА да дојде таму каде што дојде — и немавме друг избор, па се приклучивме кон ЕФ.“, рече Села.
На прашањето за заминувањето на Демири и дали тој има намера да ја обедини Алијансата, Села рече дека не верува во тоа, истакнувајќи дека обединување не се постигнува преку поделби. За заминувањето на Кренар Лога, Села изјави дека поранешниот министер за правда бил скептичен дека партијата ќе може да се опорави по излегувањето од владата.
Во меѓувреме, на 27 декември АА ќе ја одржи редовната седница на партиското членство, на која се очекува да започнат дискусиите за распишување на конгресот што треба да се одржи следната година.
