По последните случувања во Судскиот совет, власта и опозицијата деновиве ќе расправаат за целосно распуштање на ова тело. Ова го изјави министерот за правда, Кренар Лога, кој изрази загриженост за состојбите во судскиот систем, притоа истакнувајќи дека можно решение е на актуелниот состав на Судскиот совет да му биде прекинат мандатот со законски преодни одредби. Повеќе информации за ова прашање најави за наредните денови по разговорот со опозицијата во Собранието, а доколку има такви законски измени, тоа ќе биде со консензус на сите политички партии.
Прашан дали ги добил сите записници од седниците на Судскиот совет, Лога изјави дека се уште не ги добиле записниците што ги барале, а не добиле ниту образложение за тоа.
Инаку, последната анкета на ОБСЕ и Антикорупциската, спроведена меѓу судии и обвинители, покажува дека немаат доверба во повисоките органи на судството, Судскиот совет и Советот на обвинители. Над 70% од испитаниците изјавиле дека Судскиот совет работи за лични и партиски цели и не ја штити независноста на судството, нешто што е негова основна функција. Исто така, во анонимната анкета 32% од анкетираните судии почувствувале или се под притисок на членовите на Судскиот совет.
