Ниските температури придонесуваат корона вирусот повеќе да се шири, изјави Никола Пановски во Клик Плус на ТВ21. Тој додаде дека јануари логично е да биде критичен. Професорот Пановски смета дека кривата ќе почне да расте кога ќе се залади времето, односно очекува од 15 ноември да се зголемува бројот.
„Логично е јануари да биде критичен месец. Друго е кога дува ветер, друго е кога има магла. И тоа има влијание. Ако почне да расте кривата, ќе почне кога ќе залади, од 15 ноември натаму“, посочи д-р Никола Пановски.
Доктор Злате Мехмедовиќ тврди дека го живееме вториот пик и дека граѓаните се опуштиле, не ги почитуваат препораките и здравствените протоколи.
„Мислам дека се наоѓаме во пик од кризата кој што го живееме. Стравот е значително помал од оној ден кога Светската организација прогласи пандемија или кога се појави првиот случај во Македонија“, истакна д-р Злате Мехмедовиќ
Во зимскиот период и сезонскиот грип ќе биде присутен. Колку здравствениот систем ќе биде подготвен и со друг грип. Арбен Зибери вели дека минатата година ги враќале вакцините за сезонскиот грип.
„Се сеќавам дури и лани ги вративме вакцините затоа што немаше интерес од луѓето да се вакцинираат, што сметам дека нема да биде случај оваа година. Сметам дека оваа година ќе има голем интерес за сезонски грип. Имајќи ја предвид ситуацијата и стравот“, вели д-р Арбен Зибери.
И професорот Пановски со став дека годинава поголем број од граѓаните ќе се вакцинираат. Тој додава дека вакцината од грип минатата година била успешна бидејќи го погодила во 40% вирусот.
