Угостителските објекти не го почитуваат работното време. Ова ги иритира жителите кои живеат во близина на кафетериите и рестораните, затоа се принудени да се јавуваат во полицијата за истата да интервенира.
Иако не сакаа да зборуваат пред камера, тие велат дека им пречи гласната музика, не можат да одморат, а утредента стануваат рано за на работа. Во редакцијата на ТВ21 пристигна видео на кое се гледа дека во еден ресторан во Кичево полицијата интервенирала во 1.30 часот по полноќ за да ги отстрани гостите од објектот. Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димовски, рече дека забележале нерегуларности во еден ресторан во Кичево кој не го почитувал работното време но и владиниот протокол за Ковид-19.
„На 9 август, полицијата во Кичево забележала нерегуларности во еден ресторан кој по 1 часот по полноќ бил отворен. Полицијата интервенирала околу 1:30 часот во локалот имало малолетни лица, лица без маски и е констатирано непочитување на работното време. Преземени се сите потребни мерки и се работи на понатамошно постапување“, истакна Стефан Димовски.
ТВ21 го контактираше и Пазарниот инспекторат во Скопје, од каде велат дека покренале постапка за затворање на објектот но и за два други објекти во Битола кои се веќе затворени.
„Пазарниот инспекторат на терен забележал неколку нерегуларности во Битола и Кичево, каде неколку угостителски објекти работеле и по работното време предвидено со закон. Во Кичево е покрената постапка за еден ресторан кој бил отворен и по 1 часот по полноќ. Истиот по постапката ќе биде затворен од 10 до 30 дена и ќе следи парична казна. Во Битола два угостителски објекти се веќе затворени и нема да работат по 10 дена“, велат од пазарниот инспекторат.
Од Инспекторатот велат дека кафетериите и рестораните во текот на летото до 31 август имаат право и преку неделата и преку викендот да работат до 1 часот по полноќ почитувајќи ги протоколите за носење маска и држење растојание.