Правото на глас еден ден пред одржувањето на локалните избори го искористија затворениците, лицата во домашен притвор, како и лицата кои се наоѓаат во домовите за стари лица. Во казнено-поправните установи, според Избирачкиот список, треба да гласаат 2.162 затвореници, од кои најмногу во затворот Идризово – 938, во затворот Шутка 391, во затворот Штип 237, а во затворот Прилеп 119.
Исто така, во своите домови ќе гласаат и лицата што се наоѓаат во домашен притвор и кои се пријавиле за гласање.
Посетите на домовите на болните лица, каде што вкупно се регистрирани 8.851 лица, ги реализираа членовите на ДИК откако истите поднеле барање и им било одобрено правото на глас. До ДИК пристигнале 9.217 барања за гласање во домашни услови, а биле прифатени 8.851. Во домовите за стари лица бројот на гласачи е 442 лица наместо 450, бидејќи бројката е намалена за осум, откако Министерството социјална политика, демографија и млади, како што информираше ДИК пред неколку дена, извести дека домот за стари лица „Арија“ е затворен.
Во текот на утрешниот ден, на 19 октомври, ќе се одржат осмите локални избори од независноста на државата, и четврти на кои се избираат градоначалници и членови на општинските совети во 80 општини и во Град Скопје. Ќе се гласа на 3.474 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и за 576 листи на кандидати за членови на општинските совети, или вкупно за 10.490 кандидати.
На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на граѓани, односно независни кандидатури. Најмногу кандидати за градоначалник има во Град Скопје – 16.
Право на глас на локалните избори имаат 1.832.415 граѓани, од кои 1.717.803 се во земјата, додека останатите 112.000 се регистрирани во Посебниот избирачки список на лица кои се иселени од државата. Гласање во дијаспората за локалните избори нема, но доколку лицата кои живеат или привремено работат во странство се вратат во татковината, ќе можат да го остварат своето право на глас.
