Најголемата европска авиокомпанија, „Луфтханза“, денес објави дека ја продолжува суспензијата на летовите до Тел Авив до 15 јуни, поради интензивирањето на израелската офанзива во Појасот Газа.
„Поради моменталната ситуација, групацијата „Луфтханза“ ќе ги прекине летовите до и од Тел Авив до недела, 15 јуни, вклучително и во недела“, се вели во соопштението на германската групација, наместо до 8 јуни како што беше претходно најавено“, пренесува Радио Слободна Европа.
И покрај растечкиот меѓународен притисок, Израел ја интензивира својата офанзива во Газа, која е опустошена и каде што беснее хуманитарна криза, со цел уништување на Хамас, ослободување на преостанатите заложници и преземање на контролата врз Појасот Газа.
Најмалку 52 лица беа убиени во денешните израелски воздушни напади во Газа, соопшти Палестинската цивилна одбрана.
Групацијата „Луфтханза“, во која се вклучени и „Свис“, „Аустриан ерлајнс“, „Брисел“ и сега „ИТА ерлајнс“, направи неколку промени во распоредот на летови од почетокот на војната во Појасот Газа, како и други авиокомпании.
Во меѓувреме, најмалку 54 Палестинци беа убиени во два одделни израелски воздушни напади во текот на ноќта на 25 и 26 мај, вклучувајќи го и нападот врз училиште во кое се сместени раселени семејства во централна Газа, изјавија за Би-Би-Си двајца директори на болници.
Израел започна воена кампања во Газа како одговор на прекуграничниот напад на палестинската организација Хамас, која САД и Европската унија (ЕУ) ја сметаат за терористичка, на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе, а 251 лице беше земено како заложник.
Според Министерството за здравство на територијата, најмалку 53.939 луѓе, вклучувајќи најмалку 16.500 деца, се убиени во Газа оттогаш.
