Кој и со која причина гради дивоградби? Според претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска ова се случува од две причини: Или има квалификувани луѓе или има надворешни влијанија. Фокусирајќи на последново, Ивановска рече дека има конкретен таков случај во општина Центар.
Ивановска додава дека за изградба на конкретниот објект имало 3 ката а изградени се 5. За уривање на двата ката за кои се вели дека имало одлука од општина Центар прашавме и таму од каде што ни рекоа дека:
„Секторот за инспекциски работи на Општина Центар донесе две решенија едно по друго за отстранување на нелегалната градба. Двете решенија од Општина Центар се обжалени пред Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка и двете жалби се прифатени“, велат од општина Центар.
Од општина Центар истакнуваат дека во следниот период Секторот за инспекциски работи повторно ќе постапи, а за натамошните чекори јавноста ќе биде информирана на време.
Жителите кои живеат во близина не сaкаа да говорат пред камера, но ни рекоа дека објектот е во сопственост на лице блиско до власта, а се жалат дека при изградбата не е поставена никаква предупредувачка сигнализација за опасност.
Овој објект не е единствениот што ја загрижува претседателката на Антикорупциска. И за комплексот што почна да се гради спроти хотелот Холидеј Ин вели дека е нелегален.
Предметот за многукатницата кај Холидеј Ин е доставен во Обвинителството, а Ивановска додава дека е зачудена од нивниот молк за што побарале и од Советот на обвинители да изврши надзор на работата на обвинителот кој е одговорен за овој предмет.