М-НАВ: Барањата за штрајк се празен лист хартија – Тасевски: Директорите да го побараат документот со барањата во Архива

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Од М-НАВ остануваат на ставот дека не се исполнети условите за штрајк, односно не е помината постапката за помирување, ниту пак тој се заснова на барања кои произлегуваат од Законот за работни односи. Ова го наведе правниот застапник на компанијата Горан Николовски кој сите наводи на струковиот синдикат ги отфрли како неточни. Истакна дека штрајкот го бара нелегитимент субјект, односно дека тој е само подружница, а не репрезентативен синдикат. Николовски рече дека одлуката на судот е праведна и наведе документ за известување за штрајкот на Струков синдикат на контрола на летање (ССКЛ) кој го нарече празен лист хартија.

-Не знам дали од страна на ССКЛ ви беше доставено известувањето за организирање на штрајк, во него не можете да прочитате ни едно право кое што бараат да им биде заштитено. Еве го тоа известување, значи не постои ни едно право, не можеме да правиме супституција на тези затоа што подружницата на синдикатот рекла ние баравме…И да кажеме дека тоа е законито барање, барањата мора да бидат во форма како што се пропишани со закон, изјави Горан Николовски, адвокат на М-НАВ.

Но првиот човек на струковиот синдикат на контролорите на летање Александар Тасевски вели дека целата процедура е запазена уште во 2023 година кога поминала и медијацијата, и дека тогаш се доставени барањата до раководството на М-НАВ. Директорите многу добро знаат што е реализирано со спогодбата, а што не, рече Тасевски, кој тврдењата на адвокатот Николовски ги оцени како паушални.

-Не. Ова е последното известување каде што се повикуваме на спогодбата која што е потпишана во 2023 година помеѓу М-НАВ и Контрола на летање каде што се точни дефинирани сите точки кои што ќе бидат реализирани од страна на директорите во соодветни временски рокови. Самите директори нека земат во Архивата, ако толку не се запознаени а не верувам дека станува збор дека не се запознаени, ја знаат хронологијата на настаните и ќе ги најдат сите тие документи, изјави Александар Тасевски, претседател на ССКЛ.

Штрајкот на контролорите на летање беше закажан од 20 до 24 овој месец, но минатата недела граѓанскиот суд донесе одлука за забрана на штрајкот.