Мачка која ја хранеле затворениците и со тоа ја скротиле, носела опијати во казнено-поправниот дом „Нуева Есперанца“, но на крајот таа била откриена од полицијата.
Панамските власти спречија мачка да донесе неколку пакети кокаин и марихуана, кои беа врзани околу нејзиниот врат, во затворот „Нуева Есперанза“ во провинцијата Колон, лоциран северно од главниот град на Панама.
Атрес Гутиерез, управник на затворот, за новинарите изјави дека „шверцерот“ едвај бил фатен на влезот во казнено-поправниот дом каде во моментов „лежат“ 1.700 затвореници, нагласувајќи дека ова не е прв ваков случај.
- Затворениците примамуваат локални мачки со храна, на која се навикнуваат, па дилерите однадвор подоцна ги користат за пренесување дрога – рече Гутиерез и откри дека истрагата е покрената поради шверц на дрога.
Што се однесува до мачката, обвинителот Едуард Родригез тврди дека таа ќе биде преместена во локалниот центар за посвојување миленичиња.
Патем, Панама е позната по тоа што има над 18.000 затвореници во 23 државни затвори, па повеќето од нив се пренатрупани. Претходно „пријателите“ им испраќаа дрога на затворениците на „Нуева Есперанца“ однадвор со помош на гулаби-носачи, а некои дури и со помош на беспилотни летала.
