Шпанската фудбалска репрезентација денеска треба да се врати во Мадрид, каде што се очекува околу еден милион навивачи да ги пречекаат новите светски шампиони, по големото славје што во текот на ноќта ја зафати целата земја.
Шпанија во неделата, во финалето на Светското првенство во Ист Радерфорд, ја совлада Аргентина со 1:0 и ја освои својата втора светска титула.
Претходно, „црвената фурија“ го крена трофејот во 2010 година во Јужна Африка.
Избраниците на селекторот Луис де ла Фуенте треба да слетаат во Мадрид во 12:50 часот, по што е предвиден прием кај кралот Фелипе Шести и премиерот Педро Санчез, пренесува АФП.
Потоа, фудбалерите ќе се возат со отворен автобус низ центарот на Мадрид. Парадата треба да започне околу 16:30 часот во близина на палатата Монклоа, официјалната резиденција на шпанскиот премиер, а да заврши на плоштадот Сибелес, традиционалното место за прослави на шпанската репрезентација.
На плоштадот ќе се одржи свечена програма со учество на репрезентативците.
Претставникот на централната влада во Мадрид, Франсиско Мартин, изјави дека долж трасата на парадата се очекуваат околу еден милион луѓе, поради што се воведени дополнителни безбедносни и сообраќајни мерки.
За обезбедувањето ќе бидат ангажирани 2.050 полицајци и 400 припадници на Цивилната гарда.
Точниот распоред на прославата утринава сè уште не беше целосно потврден, бидејќи премиерот Санчез требаше накратко да отпатува во Алжир и да се врати во Шпанија во текот на попладнето. Ниту Кралската куќа сè уште нема потврдено дали кралот ќе присуствува на прославата.
Се очекува атмосферата во Мадрид да потсети на прославата по првата светска титула во 2010 година, кога стотици илјади навивачи ги преплавија улиците на шпанската престолнина.
Во очекување на враќањето на репрезентацијата, прославите продолжија и во неделата вечерта, од Мадрид до најмалите шпански градови и населени места.
Илјадници навивачи, кои финалето го следеа во барови и во трите официјални навивачки зони, по последниот судиски свиреж излегоа на улиците. Одекнуваа автомобилски сирени, небото беше осветлено од огномети, а плоштадите беа преполни со навивачи кои вееја шпански знамиња.
Новата светска титула доаѓа само две години по триумфот на машката репрезентација на Европското првенство во 2024 година, додека женската репрезентација е светски шампион од 2023 година.
