По секоја есенска и зимска сезона, овој главен пат кој минува низ Кичево е многу оштетен и има многубројни дупки. Во текот на врнежливо време, покриен е со вода, предизвикувајќи пукнатини на асфалтот со што состојбата станува уште полоша.
Иако често се прават делумни интервенции за пополнување на дупките, ваквите решенија се краткорочни, бидејќи оштетените делови повторно брзо се појавуваат.
-Се наоѓаме на магистралниот пат што минува низ Кичево. Овој магистрален пат поврзува многу градови во Северна Македонија, но на овој многу фреквентен пат се отворени неколку дупки и тоа претставува опасност за возилата што се движат по овој пат, пренесува репортерката на ТВ21, Салије Садику Пинџоли.
Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта е одговорно за овој патен правец и негово одржување. ТВ21 контактираше со ова претпријатие од каде ни рекоа дека не е предвиден буџет за реконструкција на овој патен правец.
-Делот на магистралниот пат за кој зборувате не е предвиден за реконструкција годинава, ќе остане за следната година бидејќи има патишта кои се поприоритетни. Но, постои можност тоа да се случи со ребалансот на буџетот, треба да ја видиме фактичката состојба и потоа да одлучиме, велат од ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта.
Во слична состојба се и други државни патишта кои бараат одржување речиси секоја година, бидејќи во спротивно стануваат опасни за сообраќајниот тек на возилата.