Новинарот Васко Маглешов во емисијата „Топ Тема“ на Телма истакна дека смета оти претстојните рочишта за случајот „Пулс“ ќе бидат клучни за утврдување на правната основа на обвинението, особено во делот на умислата и причинско-последичната врска кај обвинетите.
Според него, судството се наоѓа на сериозен тест, затоа што се работи за исклучително комплексен случај со различни временски периоди и различни улоги на инволвираните лица.
„Кога зборуваме дека судството е на тест, мислам токму за овие прашања. Според мене, три-четири правни точки ќе бидат пресудни – да се утврди евентуалната умисла што им се става на товар и да се утврди дали обвинетите делувале заеднички“, вели Маглешов.
Тој укажува дека ситуацијата е дополнително усложнета поради фактот што обвинетите не делувале нужно во исто време.
„Имаме обвинети со различни временски периоди на дејствување. Некои воопшто не мора да патувале или делувале во исто време, а сепак обвинението ги третира како да има заедничко извршување и дел во каузалитетот. Тоа ќе биде тешко да се докаже“, нагласува тој.
Според обвинителството, кое Маглешов го цитира, криминалните активности опфатени во истрагата опфаќаат долг временски период — од 2012 година до 16 март 2025 година.
„Ова е почеток на нова, исклучително комплексна правна катастрофа, бидејќи времескиот распон што го посочува обвинителството е огромен“, додава Маглешов.
Тој смета дека во следната фаза на судењето ќе мора прецизно да се разграничат улогите, намерата и конкретната поврзаност на секој обвинет со наводниот причинско-последичен ред на настани, за да не се создадат неправедни импликации врз лица чии дејствија не се доволно поврзани со исходот на случајот.
