Новинарот Васко Маглешов во емисијата „Топ Тема“ на Телма ја коментираше динамиката на актуелниот судски процес за Пулс, посочувајќи дека судот можел да одржи подготвително рочиште на кое страните ќе ги усогласат правилата на постапката.
Тој нагласи дека, иако организацискиот дел на самото рочиште бил реализиран максимално професионално, нејасно е зошто не бил спроведен почетен состанок за усогласување на постапката, што е вообичаена практика кај комплексни случаи.
Маглешов предупреди дека најважно е судот да остане имун на јавните притисоци.
„Судот не смее да суди импулсивно. Сме биле сведоци многу пати – кога јавноста прави притисок, судот носи одлуки за да го задоволи тој притисок. А тоа нанесува уште поголеми штети на правната постапка“, потенцира тој.
Тој потсети дека обвинението содржело 1.440 материјални докази и 283 оштетени лица, исклучиво предложени од обвинителството. Не е познато колку сведоци ќе бидат задржани по најавите на обвинителството дека ќе го „прочисти“ списокот.
„Не добивме информација дали скратувањето е од 200 на 20 или од 150 на 30 сведоци. Адвокатите мора да знаат – тие имаат право да ги продолжат сведоците на околности што им се важни за нивната теорија на случај“, нагласи Маглешов.
Тој заклучи дека компромисот мора да биде единствено во рамки на правото и фер-постапката.
„Во овој процес не смееме да создадеме нови жртви. Само оние за кои ќе се докаже вина, со валидни докази и правосилна пресуда, треба да ја понесат кривичната одговорност“, рече Маглешов.
