Македонски државјанин е главен осомничен за убиството на 45-годишна жена на грчкиот остров Крит, која исчезна на 30 мај, а нејзиното тело беше пронајдено утрово во близина на Ханија.
Станува збор за Ставрула Левендаки од селото Агиа кај Ханија, за која на почетокот на месецов беше издадено предупредување за исчезнато лице. Последен што ја видел бил нејзиниот потстанар, македонски државјанин, кој уште од почетокот бил во фокусот на истрагата.
Иако во првичните искази пред полицијата негирал каква било поврзаност со исчезнувањето, 43-годишниот маж во петокот бил уапсен за поседување и одгледување дрога. За време на дополнителното испрашување во текот на ноќта, тој го признал убиството и на истражителите им го покажал местото каде што го закопал телото на жената.
Според неговите наводи, до трагичниот настан дошло по расправија со сопственичката околу состојбата на станот во кој живеел како потстанар.
Истрагата покажала дека осомничениот со години живеел и работел на Крит и немал криминално досие. По исчезнувањето на жената, тој изјавил дека на 30 мај таа дошла да ја наплати киријата, по што си заминала.
Полицијата извршила детални проверки во станот и во трите возила што ги користел осомничениот. Иако биле темелно исчистени, истражителите пронашле траги од крв во станот и во едно од возилата, што дополнително ги насочило сомнежите кон него.
Случајот во изминатите недели беше меѓу најследените теми во грчките медиуми. Осомничениот не само што ги негирал обвинувањата, туку и јавно давал изјави за медиумите, префрлајќи ја вината на други лица, пред на крајот да го признае делото.
