Петтата седница на Мешовитиот комитет за економска соработка меѓу Македонија и Унгарија донесе нова димензија на билатералната енергетска соработка, истакнувајќи ја важноста на регионалната стабилност и сигурноста на снабдувањето со енергија.
Делегација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, предводена од државниот секретар Горан Јовановски, учествуваше на седницата на Мешовитиот комитет, на која се потврдија заедничките стратешки приоритети и заложби во енергетиката. Експертските работни групи од двете министерства за енергетика усогласија стратешки точки кои ќе ја унапредат енергетската инфраструктура, ефикасност и иновации.
Потпишувањето на протоколот кој ги дефинира и заедничките енергетски цели и активности, се одржа како завршен чин на седницата на Комитетот, кој опфати повеќе ресори, со цел да се поттикне регионална стабилност и енергетска безбедност.
Седницата на Мешовитиот комитет ја потврди стратегиската посветеност на двете земји за јакнење на регионалната енергетска стабилност. „ Соработката во енергетиката останува клучен столб на нашите односи. Ја потврдивме важноста на непрекинато снабдување со природен гас, поддршка за инфраструктурни проекти кои ја зголемуваат сигурноста и отпорноста на нашите енергетски системи, препознавајќи дека обезбедувањето на сигурна и одржлива енергетска иднина е заедничка одговорност“, истакна државниот секретар Горан Јовановски
Јовановски и македонската делегација остварија и билатерални средби со претседавачот на Мешовитиот комитет, Петар Старај како и со Петар Холица, заменик државен секретар на Министерството за енергетика на Унгарија, на кои ја зацврстија заедничката заложба за развој на инфраструктурата, подобрување на енергетската ефикасност и модернизација на системите за производство на електрична енергија.
„ Размената на добри практики и експертиза во работењето на пазарот на електрична енергија е клучна. Охрабрени сме од напредокот во техничкиот дијалог за геотермална енергија. Модернизацијата на РЕК Битола, со фокус на суви или хибридни системи за ладење, е уште една област каде нашата соработка може да донесе реални придобивки. Продлабочената соработка помеѓу HUPX и MEMO дополнително ќе ја олесни интеграцијата на пазарите, размената на податоци и развојот на капацитетите, промовирајќи транспарентно и ефикасно работење на електроенергетскиот пазар во нашиот регион.“ истакна Јовановски.
Седницата јасно покажа дека соработката меѓу двете земји не се ограничува само на потпишување протоколи. Таа се базира на доверба, експертиза и визија за одржлива енергетска иднина, која ќе обезбеди сигурност и просперитет за целиот регион.
