На соседите треба да им се помогне тогаш кога е најтешко, изјави претседателот на Србија Александар Вучиќ, коментирајќи го тоа што неговата земја ќе отстапи 8 000 вакцини од „Фајзер“ за Северна Македонија. Тој истакна дека Србија ќе помогне колку што може, додавајќи дека и премиерот на Македонија Зоран Заев покажал снаоддливост и грижа за својот народ, барајќи вакцини против Ковид 19 од Србија.
„Што би ни значело нас да бидеме сите здрави ако луѓето во соседството имаат безброј проблеми. Ние можеме да бидеме среќни, само ако и соседите се среќни и задоволни. Кога треба да им помогнеме? Кога е лесно? Веројатно треба да помогнете некому кога е тешко. Колку можеме ќе помогнеме. Јас мислам дека тоа не е само пријателски и братски потег кон народот во Северна Македонија, ова ја покажува и нашата одговорност и дека добро разбираме дека не живееме во затворен сад, туку дека мораме да им помагаме на соседите, како што сум сигурен дека и тие нас би ни помогнале“, рече Вучиќ.
Испораката на осум илјади „Фајзер“ вакцини од Србија можно е да се случи уште денеска, соопшти министерот за здравство Венко Филипче. Според него во тек се разговори со неговиот српски колега Златибор Лончар за техничките детали и точното време на испораката на вакцините.
„Станува збор за „фајзеровата” вакцина, која заедно со „Модерна”, е единствената која ги има сите потребни сертификати од најголемите регулатори, европската ЕМА и американската ФДА. Сите вакцини што сега се достапни на пазарот се развиени на безбедна платформа и веќе се аплицираат во некои земји.“, рече Филипче.
Премиерот Зоран Заев изјави дека Србија се понудила да ги донира овие вакцини, но сепак Македонија ќе ги плати по набавна цена.
„При прифаќање на нашите барања, Вучиќ понуди да помогне со вакцини и тој рече дека сака и да ги донира тие, но ние сме земја и имаме пари и ќе си ги платиме, па потоа потврди дека ќе ги дадат по набавна цена, односно по цената која Србија ги набавила вакцините.“, рече Заев.
Македонија одамна има договор за набавка на вакцини, а најавите се дека тие ќе пристигнат на почетокот на месец февруари. Владата најпрвин најавуваше дека вакцини ќе добиеме преку Грција, а солидарност за донација на вакцините покажа и соседна Бугарија, но тие вакцини суште ги нема.
Опозициската ВМРО ДПМНЕ денеска го обвини Заев дека не може да обезбеди барем една вакцина за граѓаните кои умираат од КОВИД.
„Цел регион се вакцинира, милионски дози на вакцини стасаа во земјите од соседството, а Заев наместо да купи, моли за вакцини. Уште во ноември минатата година Заев најави дека нарачал 833.000 вакцини, и дека дополнителни 800.000 вакцини ќе добиеме преку Грција. Поминаа три месеци, никаде ги нема ниту нарачаните, ниту ветените вакцини.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку во регионот сите држави почнаа со вакцинација на најранливите групи и медицинскиот персонал, освен Македонија, Косово и Босна и Херцеговина.
